Националното првенство за младинци до 20 години донесе нов национален рекорд и низа квалитетни резултати

На 6 и 7 јуни на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје се одржа Националното Првенство За Младинци До 20 Години во организација на Атлетската Федерација на Македонија, на кое младите македонски атлетичари остварија низа квалитетни резултати и потврдија дека македонската атлетика има светла иднина.

Најзначајниот момент на првенството беше новиот младински национален рекорд во скок во далечина. Брајан Авиа (АК 7ми Мај) триумфираше со резултат од 7.11 метри и го подобри досегашниот рекорд од 7.05 метри, поставен од Славчо Мирчевски во 2010 година. Авиа освои уште една титула, победувајќи и во дисциплината трискок со резултат од 13.74 метри.

Во спринтерските дисциплини кај момчињата најдобар резултат на 100 метри оствари Марко Алексовски (АК Центар) со време од 11.06 секунди, додека кај девојките Марта Димковска (АК Работнички) доминираше со победи на 100 метри и 200 метри, остварувајќи резултати од 12.58 и 25.88 секунди.

Во средните и долгите патеки се истакна Максим Пауер (АК Олимп), кој освои три национални титули победувајќи на 800 метри, 1500 метри и 5000 метри. Кај девојките, двојна шампионка стана Дарија Крстевска (АК Олимп), која беше најдобра на 800 и 1500 метри.

Во дисциплините со пречки, Михаил Стошески (АК Куманово) триумфираше на 110 метри со пречки со време од 15.76 секунди, додека кај девојките Лина Аневска (АК Куманово) беше најдобра на 100 метри со пречки со резултат од 17.36 секунди.

Во штафетните дисциплини, екипата на АК Куманово оствари двојна победа, триумфирајќи на 4х100 метри со резултат 45.74 секунди и на 4х400 метри со време од 3:51.37.

Националното првенство уште еднаш потврди дека младинската категорија претставува значајна основа за идниот развој на македонската атлетика, а бројните квалитетни резултати и новиот национален рекорд се дополнителен поттик за понатамошен напредок на младите атлетичари.

Атлетската Федерација на Македонија им честита на сите учесници, тренери и клубови за постигнатите резултати и им посакува успешна продолжение на сезоната.