Нов национален рекорд во десетобој за Огнен Стефановски

Македонскиот репрезентативец Огнен Стефановски оствари историски успех поставувајќи нов национален рекорд во дисциплината десетобој на Националното Првенство во повеќебој на Словенија, кое се одржа во Марибор.

Стефановски настапот го заврши со вкупно 7189 бодови, со што го подобри досегашниот национален рекорд за импресивни 541 бод.

Дополнителна потврда за квалитетот на резултатот претставува фактот што остварувањето на Стефановски е вреднувано со 1001 поен според Светските атлетски таблици, што го вбројува меѓу највредните македонски резултати во тековната сезона.

До новиот национален рекорд Стефановски стигна со следните резултати по дисциплини:


• 100 метри – 11.10
• Скок во далечина – 6.97 м
• Фрлање ѓуле – 12.29 м
• Скок во височина – 1.84 м
• 400 метри – 48.84
• 110 метри со пречки – 15.07
• Фрлање диск – 38.53 м
• Скок со стап – 3.90 м
• Фрлање копје – 49.82 м
• 1500 метри – 4:31.07


Овој резултат претставува уште еден значаен чекор во развојот на македонската атлетика и потврда за континуираниот напредок на Огнен Стефановски на меѓународната сцена. Атлетската Федерација на Македонија му упатува искрени честитки на Огнен Стефановски за овој врвен успех и му посакува уште поголеми достигнувања во претстојните натпревари.