-
02.6.2026
-
Натпревари, Резултати, Рекорди
Македонската атлетска репрезентација оствари исклучителен настап на European Challenger Championships 2026 во Монако, освојувајќи четири медали, национален рекорд и повеќе пласмани меѓу најдобрите во силна европска конкуренција.
Најголемиот успех го забележа Андреас Трајковски, кој триумфираше во дисциплината скок во далечина, освојувајќи го првото место со резултат од 7.62 метри.
Уште еден одличен настап имаше Јован Стојоски, кој го освои третото место на 400 метри со пречки со време од 53.80 секунди.
На победничкиот подиум се искачи и Огнен Стефановски, кој го освои третото место на 110 метри со пречки со нов личен рекорд од 14.68 секунди.
Брајан Авија го освои третото место во скок во височина со прескокнати 2.00 метри, додавајќи уште еден медал за македонската репрезентација.
Одличен настап забележа и Мелиса Димитриоски, која го освои седмото место на 100 метри и притоа постави нов личен рекорд од 12.31 секунди.
Во дисциплината 400 метри, Михаил Петров го освои десеттото место со резултат од 49.36 секунди.
Посебен белег на настапот на македонската репрезентација остави шведската штафета на 100-200-300-400 метри, која го освои четвртото место со нов национален рекорд од 1:55.08.
Овие резултати претставуваат уште една потврда за континуираниот развој на македонската атлетика и високото ниво на квалитет што го поседуваат нашите атлетичари и атлетичарки. Настапите во Монако покажаа дека Македонија располага со генерација спортисти која успешно може да се носи со европската конкуренција и да остварува резултати на највисоко ниво.
Атлетската федерација на Македонија упатува искрени честитки до сите атлетичари, тренери и членови на стручниот тим за одличните резултати и достоинственото претставување на државата