На Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје успешно се одржа 3-тиот Меѓународен атлетски митинг „Скопје 2026“, во организација на Атлетскиот клуб 7ми Мај и со техничка организација на Атлетската федерација на Македонија.
Митингот донесе силна меѓународна конкуренција, квалитетни резултати и возбудливи настапи во повеќе дисциплини, со учество на атлетичари од Македонија, Косово, Србија и Црна Гора.
Во трката на 1500 метри кај мажите, победата ја однесе Каид Коча од Нови Пазар (Србија) со време 3:57.16, додека кај жените најбрза беше Мејра Мехмедовиќ од Нови Пазар со резултат 4:33.69.
Особено возбудливи беа спринтерските дисциплини. На 100 метри кај мажите, Михаил Петров и Владимир Битољану истрчаа идентични 11.29, а победникот беше решен во стотинки. Михаил Петров продолжи со уште еден силен настап и на 400 метри, каде оствари одлични 48.65.
Кај жените на 100 метри беше видена квалитетна и неизвесна трка, во која победи Мелиса Димитриоски со време 12.50. Во дисциплината 400 метри кај жените, Ана Божиновска триумфираше со резултат 59.39, пред Марта Димковска со 1:00.59, додека Леон Тачи од Косово беше победник на 400 метри кај мажите со одлични 48.08.
Во техничките дисциплини, Брајан Авиа победи во скок во височина со прескокнати 2.00 метри. Лина Аневска беше најдобра во скок во далечина со 5.40 метри и во трискок со резултат 11.38 метри, додека Алаудин Сума од Косово триумфираше во фрлање ѓуле со 14.57 метри и во фрлање диск со 48.48 метри.
Митингот уште еднаш потврди дека атлетиката во регионот бележи континуиран раст, а настапите на домашните и странските атлетичари придонесоа за квалитетна спортска атмосфера и успешна организација на натпреварот.