Македонската атлетика со историски настап на Европското тимско првенство во Марибор – нови рекорди и највисок пласман досега.

Македонската атлетска репрезентација запиша историски настап на Европското тимско првенство – Трета лига, кое викендов се одржа во Марибор, Словенија. Со освоени 270.5 бодови, нашите атлетичари го обезбедија најдобриот пласман досега – 8. место, прикажувајќи борбеност, квалитет и континуиран напредок.
Првиот ден беше обележан со блескави настапи:
Андреас Трајковски победи во скок во далечина со резултат од 7.83 метри,
Дарио Ивановски триумфираше на 5000 метри со 14:04.06,
Миљана Ристиќ постави нов национален рекорд на 3000 метри стиплчес – 11:49.49,
Брајан Авиа освои бронза во скок во височина со личен рекорд од 2.06 метри,
Штафетата 4x100 метри (Трајковски, Алексовски, Петров, Стојоски) постави нов национален рекорд – 40.89 секунди, освојувајќи второ место.
Вториот ден донесе уште историски моменти за нашиот тим:
Огнен Стефановски го сруши националниот рекорд стар 57 години во скок со стап, поставувајќи нова граница од 4.05 метри,
Теа Алексовска постави нов младински рекорд во фрлање кладиво со резултат од 38.74 метри.
Вкупно беа соборени четири национални рекорди, десетици лични рекорди, и Македонија испрати јасна порака: атлетиката живее, напредува и создава иднина. Со посветеност, стратегија и тимски дух, македонската репрезентација се вгради меѓу најперспективните нации во развој во европската атлетика.