Светско Првенство во Атлетика Токио 2025

Македонија ќе го има својот прв претставник на Светското Првенство во Токио кое ќе се одржи во периодот од 13 до 21 Септември.

Заклучно со 4 Мај заврши квалификацискиот период за пласман на светското првенство во дисциплината маратон, каде пласман преку остварен критериум на светска атлетика ( ранкинг системот ) успеа да оствари нашиот Дарио Ивановски пласирајќи се на 90-то место во квота од 100 атлетичари.

Ова е втор пат последователно каде што наши атлетичари успеваат да остварат директен пласман преку ранкинг системот, откако на претходното светското првенство во Будимпешта 2023 година, Адријана Поп Арсова беше првата атлетичарка во историјата на Македонија која успеа да оствари директен пласман на едно светско првенство.

Квалификациите за ова првенство во останатите дисциплини се сеуште во тек и навиваме да уште некој наш атлетичар успее да обезбеди пласман.

Ова е само уште еден знак за успесите и квалитетот кои ги поседуваат нашите атлетичари.

Му посакуваме успешни подготовки на Дарио за ова претстојно светско првенство.