Прогласување на Најдобри Атлетичари во Европа “Golden Tracks”- Скопје 2024
Македонија беше домаќин на најдобрите европски атлетичари. За прв пат во историјата во Скопје се избираа најдобрите атлетичари во Европа за 2024 година на престижната манифестација „Golden Tracks Skopje 2024” на Европската Атлетска Асоцијација.
„Golden Tracks“е симбол на врвниот успех, признание и престиж во светот на атлетиката,манифестација која ги наградува најуспешните атлетичари од цела Европа. Оваа година, за прв пат во три децениската историја на манифестацијата, организатор е една балканска земја.
"Голема е честа да се биде домаќин на една ваква манифестација, како „Golden Tracks“ која е од големо значење за нашата држава, бидејќи не само што ја демонстрира нашата посветеност кон атлетиката, туку и ја покажува нашата сериозност и подготвеност да дејствуваме согласно европските стандарди.
Преку овој настан, ги промовираме нашите традиционални вредности и освојуваме доверба, што потврдува дека нашите напори се забележани." - истакна Александра Војнеска-Зикова, потенцирајќи ја важноста на овој настан кој придонесува за развој на меѓународната соработка односно за унапредување на спортската дипломатија како и можност за промоција на Република Македонија.
На настанот се обединија повеќе од 300 истакнати личности, претставници на 51 федерација од цела Европа, вклучувајќи претседатели на национални атлетски федерации во чии редови се наоѓаат многу светски и европски звучни имиња носители на медали во атлетиката, како и најуспешните во атлетскиот спорт во Европа - имиња кои пишуваат историја во атлетиката, светски рекордери во своите дисциплини.
На настанот присутни беа истакнати личности како Лорд Себастијан Коу, претседател на Светската атлетска асоцијација, како и претседателот на Европската Атлетска Федерација, г. Добромир Карамаринов, вицепремирот на владата г. Љупчо Димовски и Министерот за спорт, г. Борко Ристовски.
Светската рекордерка во скок во височина Јарослава Махучик од Украина и Арман Дуплантис – шведскиот скокач со стап се прогласени за најдобри атлетичари во Европа за 2024 година.
Овогодишните победници во категоријата „Ѕвезди во подем“ се Адријана Вилагош од Србија која учествува во дисциплината фрлање копје, и тркачот на 1500 метри, Нилс Ларос од Холандија.